Промоција на книгата Само сонот е стварност

0
1128

„Само сонот е стварност“ е насловот на најновата книга на филмскиот критичар, филмолог и истражувач на филмската историја Илинденка Петрушева, чија промоција се одржа во рамките на 36-тото издание на ИФФК. Браќа Манаки.

Станува збор за ретка филмолошка објава во издание на „Македоника литера“ од Скопје.
Промотор беше Александар Прокопиев, кој истакна дека Петрушева во книгата зборува за многу конкретни факти и доживувањето на истите
Петрушева се потсети на детските денови и истакна дека нејзината мајка ја натерала прв пат да оди на кино.
-Овој прилог за развојот на македонската кинематографија сакав да биде подостапен до читателите, да не досадувам, туку да го извлечам најдоброто, чувството на луѓето што тогаш се занимавале со филм – рече Петрушева.
Насловот за оваа книга практично е превземен од стих на хрватскиот поет Тин Ујевиќ „Само сонот е стварност“ и најмногу одговара на природата на филмот.

Петрушева е еден од основачите на Кинотеката на Македонија, а во 1979 година е и еден од иницијаторите за формирање на Кинотеката на Хрватска.
Таа е автор на книгите: „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (Кинотека на Македонија, 1991), „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (Киносојуз на Македонија, 2001), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005) и „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011).

Делото фрла светлина на развојот на филмската култура од периодот на браќата Манаки до современоста.