Промоција на Љубов на Петар Горко и калабалак

0
443

Љубов, е насловот на албумот на актерот Петар Горко и групата Калабалак, на кој се најдоа интерпретации на некои од најубавите македонски песни забележани на трите концертни настапи – во Магазата, Старата чаршија и на перформансот во селото Слепче, а станува збор за некомерцијално издание Горко го донираше на општинската организација на Црвен крст – Битола.
– Љубовта е составен дел од мојот живот и моето убедување. Мојата филозофија и начин на живеење која е еднаква на Бог.
Со овие зборови актерот Петар Горко ја почнува сторијата врзана за неговата актуелна аудио објава насловена како „Љубов“. Обвивката на компакт дискот е дело, цртеж на неговата ќерка, тогаш второодделенката Јована, на кој се нашле „мама, тато, бато и јас“.
Актерот вели дека со поклонувањето на цд-то на Црвениот крст, сакал едноставно да им се заблагодари на своите најголеми поддржувачи на концертните и на сите други јавни настапи.
Инаку, „Љубов“ како издание е следбеник на видео објавата „Каква и да си – дојди!“ од пред неколку години. Се работи за документ на кој се поместени неговите доживеани интерпретации на 15 песни како „Зошто ми се срдиш либе?“, „Русе ле моме“, „Молчи молчи љубов моја“, „Ако одам во Битола“, „Не кани ме“, снимени на концертните настапи во Магаза, Старата чаршија и на перформансот „Подманастирска душа“ со групата КАЛАБАЛАК во селото Слепче.
Говорејќи за сопствената потреба да глуми, да рецитира поезија и да пее, Петар Горко истакнува дека многупати досега на матичната сцена во Битолскиот народен театар учествувал во проекти каде што до израз доаѓале неговите вокални квалитети и вештини. Како пример за тоа ја издвојува „Печалбари“ од 2000 година и вели дека на таквите зафати допрва со сето срце ќе им се предава.