Пронајдена пластика во чоколадото „Марс“ во Германија

0
1028

Производителот на чоколадото „Марс“ ги повлече во Германија чоколатцата „Марс“ и „Сникерс“ откако во нив беа пронајдени парчиња пластика. Исто се повлечени и чоколатцата Milky Way Minis и Miniatures, како и некои кутии на Celebrations, пренесе во вторник BBC.

На повлечените производи рокот на траење им истекуваше меѓу 19 јуни 2016 и 8 јануари 2017 година. France presse наведува дека некои производи на Марс се повлечени и во Холандија, Белгија, Франција, Велика Британија, Италија и Шпанија. Американската компанија „Марс“ не наведе со колку вкупно чоколада има проблем. Нејзиното одделение во Германија произведува околу 10 милиона чоколатца секој ден.
Компанијата соопшти дека со повлекувањето на чоколатцата сака да спречи купувачите да ги изедат купените производи.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија велат дека ако добијат каква било потврда оти спорните чоколади се продаваат во земјава, веднаш ќе преземат мерки за заштита на потрошувачите.

„Доколку добие нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на ЕУ дека небезбедни производи од овој производител се наоѓаат на македонскиот пазар, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе постапи соодветно и ќе ги отстрани од пазарот” – стои во соопштението.

Без коментари

LEAVE A REPLY