Пронајдени дури 25 милиони „исчезнати“ кинески девојчиња

0
1421

Научниците најчесто зборуваат за меѓу 30 и 60 милиони „исчезнати девојчиња“ во Кина, наводно абортирани или убиени веднаш по раѓањето, што се должи на државната политика „едно семејство – едно дете“ и народниот обичај да се тежнее да се има син.

Сепак, истражувачи од САД и Кина мислат дека нашле голем број девојчиња, можеби дури третина од нив и истакнуваат дека најверојатно не биле убиени.

Џон Кенеди од универзитетот во Канзас и Ши Јаоџианг од универзитетот Шаанси објавија студија со која ја поставуваат тезата дека голем број семејства не го пријавиле раѓањето на девојчињата.

„Се смета дека недостигаат триесетина милиони девојчиња во популацијата. Тоа е населението на Калифорнија, а тие едноставно исчезнале“, вели Кенеди, професор по политички науки. „Повеќето луѓе го користат демографското објаснување за да кажат дека абортусот или инфатицидот се причината зошто децата не се појавуваат во пописите на населението и дека затоа не ни постојат. Но ние сметаме дека постои политичко објаснување“.

Кина конечно годинава ја отфрли политиката на едно дете по семејство. По дури три децении на старата политика, семејствата сега можат да имаат две деца. „Ако 30 милиони жени навистина недостасуваат, значи дека наскоро ќе имаме двојно повеќе мажи од жени на возраст за женење“, вели Кенеди. „Нема ништо полошо за едно општество отколку вишок тестостерон кој нема каде да се потроши“.

Истражувачкиот тим дошол до тој заклучок по разговор со еден селанец во кинеската северна покраина Шаанси. Мажот имал две девојчиња и син, а кон помладата ќерка се однесувал како да „не постои“, пишува Вашингтон пост. Ако првото дете било женско, селаните можеле да имаат и второ дете.

Откако оваа пракса ја потврдиле и голем број други нивни соговорници, истражувачите ги споредиле бројките на децата родени во 1990 со бројката на 20-годишните Кинези во 2010 година. Тие откриле „вишок“ од 4 милиони луѓе и тоа дека има дури милион повеќе жени од мажи.

„Ако го опфатиме периодот од 25 години, можно е да имаме вкупно 25 милиони жени кои не се во статистиката на родените“, вели Кенеди.

mkd.mk