Пронајдени остатоци од индонезискиот авион

0
885

Остатоците на индонезискиот авион се пронајдени во планинскиот регион во близина на градот Оксинбил, каде што требало авионот да слета. Според првичните информации нема преживеани во авионската несреќа.

Во авионот на компанијата Тригана Ер, кој исчезна од радарите над источниот регионот Папуа имало 44 возрасни патници и 5 деца како и петмина членови на екипажот.
Властите веднаш почнаа потрага, но беа принудени да ја прекинат поради лошите временски услови во тој дел од регионот. Авионот бил пронајден од локални жители кои потоа пријавиле кај властите.
Компанијата Тригана е формирана во 1991 година и досега имала 14 посериозни инциденти во кои изгуби 10 авиони. Од 2007-та година се наоѓа на црната листа на забранети превозници на Европската унија.
Индонезија има неповолна воздухопловна историја, авионските несреќи се чести и само 4 од сите авиопревозници во земјата не се наоѓаат на листата забранети превозници.
На 28 декември минатата година авион на ЕрАзија со 162 патници се урна во близина на Борнео а во јули 140 лица загинаа кога воен транспортен авион се урна во населба во Суматра.