Протестен собир за алармантната состојба со воздухот во Битола

0
787

-На ден 12.12.(сабота) во 18.00 часот ги повикуваме сите граѓани на Битола да дојдат на плоштадот Магнолија за да ја изразиме својата загриженост, својот револт и својот страв за нашето здравје и здравјето на нашите најблиски.
Причина за овој повик е алармантната долгогодишна состојба со загадениот воздух во градов и околината. Во текот на нашето досегашно делување за жал не успеавме да ги лоцираме точните загадувачи по кои би делувале, но тоа што во овој момент е повеќе од јасно е дека виновни сме сите ние. Од тие причини, ние како граѓани на Битола повикуваме на поддршка на платформата за Битола наречена “ 5-ка за Битола ”. Во оваа платформа наведуваме 5 најитни мерки за справување со загадувањето на воздухот, и сметаме дека согласно сите експертски анализи и наоди, со реализирање на истите, во голема мера ќе се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух. Платформата 5-ка за Битола ги содржи следните итни мерки:
1. Режим на сообраќајот во централното подрачје на градот.
2. Прскање на улиците со соодветна хемиска смеса.
3. Јавен еколошки градски превоз.
4. Субвенционирање на трошоците за електрична енергија на домакинствата
5. Преадаптација на постојната топлификација во институциите, како што се болница, училишта, суд, полиција и приванти субјекти кои загревањето на своите простории го вршат преку согорување на тврди горива (мазут).
Ние сметаме дека сите мерки предвидени во платформата се реално остварливи и дека сега е моментот кога сите чинители на општествените политики имаат можност да ја покажат својата добра волја и разбирање на горливиот проблем на Битолчани, изјави Иван Јерчиќ, „За нас се работи“.