Протести во Атина и во Софија поради соборувањето на рускиот авион

0
393

Демонстрантите на протестите во центарот на Атина ги запалиле знамињата на Турција и на САД и побарале Грција да излезе од НАТО. Неколкуте стотици Грци се собрале синоќа на централниот атински плоштад Синтагма, а потоа тргнале кон турската амбасада во грчката престолнина.

Меѓутоа, полицијата ги сопрела демонстрантите на 300 метри од амбасадата, веднаш покрај споменикот во чест на грчките пилоти кои загинаа во инцидентот со турските воздухопловни сили во близина на островот Имија (Кардак) во 1996 година. По овој инцидент двете земји-членки на НАТО беа на работ на војна.

Полицијата не му дозволи на лидерот на новата грчка левичарска партија Популарно единство Панајотис Лафазанис на службениците на амбасадата да им предаде писмо адресирано до турскиот претседател Ердоган.

„Целиот свет е вознемирен од можните последици од соборувањето на рускиот авион. И покрај вашите тврдења, авионот не го нарушил турскиот воздушен простор, бидејќи се наоѓал над сириската територија во мисија против терористичката група Исламска држава“, прочитал Лафазанис делови од писмото.

„Не знаеме кој ја дал наредбата да се уништи авионот. Сакаме да веруваме дека тој лудак не сте биле Вие“, пишува во писмото.

Учесниците во протестот потсетиле и на тоа колку пати дневно турските авиони го нарушуваат воздушниот простор на Грција.

„Можеби грчките пилоти треба да го следат примерот на лудиот турски офицер и да ги соборат сите авиони што секојдневно навлегуваат во воздушниот простор на нашата земја“, порачале тие.

„Русија во моментов е на првата линија на фронтот и не дозволува овој исламистички тумор да порасне“, изјавил еден од демонстрантите. „Се сложуваме со оценката на рускиот претседател дека Анкара ѝ заби „нож во грбот“. Но тоа не е само „нож во грбот“ на Русија, туку на целата меѓународна антитерористичка коалиција“.

www.mkd.mk