Прв тест за кандидатурата на Керим за генерален секретар

0
318

Во Советот за безбедност на ОН денеска почнува првото гласање за наследник на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун од 12-те кандидати. Гласањето ќе биде тајно.

Во трката за генерален секретар на ОН се шест мажи и шест жени, од кои осум се од Источна Европа. Кандидатот на Македонија е поранешниот министер за надворешни работи Срѓан Ќерим, а од регионот на Источна Европа другите кандидати се актуелната  извршна директорка на УНЕСКО, Бугарката Ирина Бокова, поранешниот словенечки претседател Данило Тирк, поранешната шефица на хрватската дипломатија Весна Пусиќ, поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак, поранешната министерка за надворешни работи на Молдавија, Наталија Герман, како и шефот на црногорската дипломатија, Игор Лукшиќ.

Другите кандидати за функцијата се Португалецот Антонио Гутереш, поранешен висок претставник за бегалци, Хелен Кларк од Нов Зеланд, инаку администраторката на програмата за ОН за развој, од Аргентина е министерката за надворешни работи, Сусана Малкора, како и поранешната шефица на дипломатијата на Костарика, Кристина Фигерес.

Процесот на избор на нов генерален секретар ќе трае до октомври.

www.mkd.mk