Прва жртва на вирусот Западен Нил во Србијa

0
1533

Пациент заразен со вирусот Западен Нил починал на Клиниката за инфективни и тропски болести во Белград, потврдија во неделата надлежните институции.

Пациентот на возраст од 56 година засега е и единствениот регистриран случај на сезонскиот вирус кој го пренесуваат комарците, меѓутоа на преглед се јавил доцна, најверојатно цела седмица по каснувањето од заразениот инсект, рекле болнички извори за белградските медиуми.

Српскиот државен Институт за јавно здравство претходно во саботата објави дека е потврдена инфекцијата со споменатиот вирус кај 56-годишен маж.

Треската Западен Нил е сезонска болест, а во Србија првпат е регистрирана во 2012 година, а најчесто се јавува во периодот на најголемата активност на комарците, главно од втората половина на јули, август и септември.

Овој тип вирус кај заболените може да се манифестира преку два вида инфекција, како треска или во тешка невролошка форма. Во првиот случај симптомите се слични како кај грипот и на таков начин и се лекуваат, пропратени со висока телесна температура, повраќање и треска и потребни се од два до 14 дена за да се манифестира.

Кај потешкиот облик се манифестира во првите 24 часа со отежнат говор и слух, забавена парализа на екстремитетите и сл.

Вирусот Западен Нил е опасен за старите и изнемоштени лица, но и за оние кои имаат здравствени проблеми, како астма или други хронични заболувања.

Заразениот човек доколку е здрав може воопшто да нема проблеми, но доколку станува збор за лица над 75 години, тогаш каснувањето на комарецот може да предизвика компликации во централниот нервен систем и да доведе до менингитис или енцефалитис кои може да завршат со смрт.

За вирусот, што е типичен за целиот медитерански регион, не постои вакцина или посебна терапија.
Во изминатите 15-ина години епидемии беа прогласувани и во Италија, Шпанија, Романија, Унгарија, Франција./крај/мф/сн