Првата линија на „Турски тек“ готова во март 2018 година

0
815

Првата линија на гасоводот „Турски тек“ ќе биде завршена во март 2018 година, а втора линија во 2019 година, му соопшти денеска генералниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер на рускиот претседател Владимир Путин.

Првата линија на гасоводот треба да ја снабдува со гас само Турција, а другата, под Црното Море, ќе го транспортита рускиот гас до Јужна и Југоисточна Европа, пишува Ројтерс.

– Тука сум за да учествувам во почетокот на градежните работи на подводниот дел од гасоводот „Турски тек“ – изјави Путин во телефонски разговор со турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган, за време на престојот на бродот „Пионерски дух“ кој ги сместува цевките за гасоводот во Црното Море.

Путин, исто така, рече дека Турција и Русија мора да се согласат за влезните точки на „Турскиот тек“.

– Изградбата на гасоводот и сите активности кои ќе бидат имплементирани се во строга согласност со најсовремените еколошки стандарди и прописи – му рече Милер на Путин.

– Кога станува збор за турскиот пазар, можеме да видиме дека побарувачката за рускиот гас се зголемува, бидејќи нашите испораки веќе имаат удел од 53 отсто од турскиот пазар – истакна Милер.

И во Европа, додаде тој, расте побарувачката за рускиот гас, а „Турскиот тек“, како што вели, ќе обезбеди сигурни резерви за сите потрошувачи.