Прво добро прeчистен Избирачки список, а потоа избори

0
536

Технички избори може да се организираат во било кое време, тоа е позицијата на еврокомесарот Хан. Она што парламентот треба да го има в предвид е кредибилноста на овие избори. А за да се има навистина кредибилни избори, а не само избори заради избори, потребни е да се има добро прочистен Избирачки список. Тоа е од основа важност. Дајте прво да се прочисти Избирачкиот список, а потоа да има избори, рече денеска белгискиот олеснувач во преговорите на работните групи, Питер Ванхојт.

Ванхојт потврди дека денеска претставниците на политичките партии потписници на договорот од Пржино одржаа средба, на кој присуствуваше и претседателот на ДИК, Александар Чичаковски. За време на средбата, Чичаковски го информирал Ванхојт дека ДИК смета дека технички изборите може да се одржат на 24 април, но до тој рок не може да биде прочистен Избирачкиот список.

„Претседателот и еден експерт од ДИК ги презентираа фактите и бројките, нивната позиција и сугестиции за тоа што е возможно и за тоа што не е возможно“, рече Ванхојт.

Според Ванхојт, разговорите за сите технички појаснувања треба да продолжат во ДИК, со оглед дека политичките партии имаат свои членови.

 Ванхојт оцени дека нема потреба од држење до рокови, туку прво треба да се обезбедат сите услови за пречистување на Избирачкиот список за да се обезбедат кредибилни избори. 

Медијаторот Ванхојт не можеше да каже дали има нови рокови за договор, или дали е можно да се дојде до напредок преку средби на преговарачките групи без нова лидерска средба. Тоа ќе се знае, рече тој, деновиве, потсетувајќи дека треба да се реши и важното прашање за реформите во медиумската сфера, за кое партиите имаат спротиставени ставови.

www.mkd.mk