Првокласни за ЕУ, второкласни за Балканот

0
515

Сигурен сум дека нема ниту еден од Вас кој не ги слушнал коментарите на своите роднини или пријатели кои скоро патувале или пак живеат некаде во Западна Европа, а кој велат дека се ама баше се таму е подобро, па дури и храната, иако се работи за истите брендови. Долго време ова е тема на другарски разговори, чаршиски муабети па може слободно да се каже дека ставот дека големите светски брендови испраќаат помалку квалитетни производи на Балканот прерасна во урбан мит. Но, дали е баш така? Дали е сето тоа баш мит? Најновите вести од нашето блиско опкружување говорат дека овој мит најверојатно ќе стане потврдена вистина.

Имено, во Хрватска, на иницијатива на хрватската пратеничка во Европскиот парламент Билјана Борзан, стартуваше досега најголемото и најскапото истражување финансирано од страна на Европската унија кое еднаш за секогаш треба да стави крај на дилемите дали големите светски брендови прават подвојување на пазарите и дистрибуираат свои производи со повисок квалитет во земјите на т.н. „Стара Европа“ додека производи од истите брендови но со понизок квалитет се наменуваат за земјите од т.н. „Нова Европа“ односно балканските земји.

Истражувањето ќе опфати споредба на над триесетина прехрамбени производи од ист производител, еден купен во Хрватска, а друг купен во Германија како референтна земја.

Целта на истражувањето е да се изврши притисок на ЕУ оваа материја да се регулира подетално и да не се дозволи прекршување на едно од основните начела на Унијата-еднаквост и рамноправност на сите граѓани на ЕУ.

Слично истражување минатата година спроведе и Чешка, со поразителни резулатати.

Имено, во 35 проценти од споредените производи, истите биле со полош вкус и послаб квалитет а 40 проценти имале помалку од декларираните основни состојки отколку идентичниот производ во земјите од Западна Европа.

Досега официјалниот одговор на ЕУ на ваквите истражувања и реакции на своите членки е дека станува збор за здравствено исправни производи кои ги задоволуваат критериумите на ЕУ.

Реакцијата на производителите пак дека производот наменет за некои земји, најчесто балканските намерно се модифицира и се додава повеќе сол и шеќер затоа што наводно вкусот на потрошувачите бил поинаков. Но според храватската европратеничка Борзан, ова е комплетна бесмислица затоа што производителите никогаш не спровеле истражување каков воопшто е вкусот на потошувачите во овие земји.

Додека во земјите како Хрватска и Чешка кое се членки на ЕУ, проблемот со дискриминација на потрошувачите е проблем кој се коси со законодавството на ЕУ и истиот може да се истражува и решава по службени канали на Унијата, она што нас далеку повеќе не интересира е каква е состојбата во Македонија. Имено, Македонија не е членка на ЕУ, нема можност да се повика на начелото на еднаквост на ЕУ, не може да се потпре на механизмите за санкционирање на прекршителите на правилата за недискриминација на потрошувачите.

Ги прашавме нашите сограѓани за нивните искуства на оваа тема.

Ако се потврдат размислувањата на анкетираните, се чини дека слично како во Хрватска и кај нас треба час поскоро да се реагира на овој проблем. Но според нашето истражување за разлика од споменатите земји, Македонија засега не е подготвена да реагира на оваа тема. Кај нас според нашите сознанија никогаш не се работело на овој проблем. Ниту една државна институција не поседува информации дали воопшто вакви второкласни производи се на македонскиот пазар. Конечно кај нас не е ниту забранета продажбата на вакви производи.

Имено, пред се кај нас нема ниту законска основа да се оспори продажбата на производи од ист бренд со послаб квалитет од оној на истиот производ во некоја друга земја. Така според законската регулатива во Македонија, ако прехрамбен производ увезен или произведен по лиценца е санитарно и здравствено исправен и неговиот состав е уредно наведен во декларација изготвена во законска форма на амбалажата на производот, истиот може да оди во продажба без никаков пробле па дури а ако постои назнака дека истиот производ е различен од идентичен производ во некоја друга земја. Согласно закон дури не може да стане збор ни за измама на потрошувачи затоа што, рекламните кампањи за производите, производителите ги специјализираат за конкретните пазари и во нив не е содржана гаранција за универзална идентичност на производот, туку само гаранција за квалитет на брендот.

Понатака, во Македонија, нема ниту овластена институција која би се занимавала со оваа материја. Со својата надлежност најблиску се Агенцијата за храна и ветреринарство и Санитарната и здравствена инспекција но ниту едната ниту другата нема законска основа на врши надзор над здравствено исправни и уредно декларирани производи какови што во случајов се споменативе.

Судејќи според ова, ако земји членки на ЕУ како Хрватска и Чешка, практично потврдено се пазари за второкласни производи, Македонија која не ја ужива заштитата на ЕУ-механизмите сосема извесно е во иста или можеби дури и полоша сосотојба на оваа тема.