Првoто пресадување на човечка глава може да биде извршено во Русија

0
168

Италијанскиот неврохирург Серџо Канаверо е подготвен да ја изведе првата операција за трансплантација на глава врз Русинот Валериј Спиридонов на тело од друг човек во Русија, доколку добие одобрение од властите за извршување на ваквиот оперативен зафат, изјави лекарот во интервјуто за московскиот дневен весник Комсомолска Правда.

„Тоа би било идеална варијанта, бидејќи во вашата земја работеше основоположникот на трансплантацијата Владимир Демихов. Токму од Русија сето тоа започна. Имам мотиви за половина година да го изучам рускиот јазик, подготвен сум да оперирам во Русија. Меѓутоа, дали на тоа се подготвени Русите?“, вели Канаверо, истакнувајќи дека операцијата има политичко значење. Според него, земјата во којашто ќе биде извршена првата трансплантација на глава од еден човек на друго тело, несомнено ќе влезе во светската историја.

Италијанскиот неврохирург вели натаму дека за извршување на ваквиот оперативен зафат главата на пациентот треба да биде оладена до 10 до 15 Целзиусови степени, бидејќи ќе се врши операција на длабоките области на мозокот.

„Ќе имаме еден час за да ја ‘приклучиме’ главата на другото тело. За поврзувањето на крвните садови се потребни само неколку минути. Главата на Валериј ќе биде одвоена од телото и пренесена на ново за само неколку секунди, а снабдувањето на мозокот со крв ќе започне по петнаесетина минути“, ги појаснува Канаверо техничките детали од оваа чудовишна операција. Како резултат од овој зафат, според неврохирургот, би требало да има целосно обновување на подвижноста на телото на пациентот.

Триесетгодишниот Валериј Спиридинов, кој страда од ретко генетско заболување, е првиот човек во светот кој доброволно се пријави да учествува во зафатот за пресадување глава. Поради болеста на мускулатурата неговата состојба постојано се влошува. Тој му се обратил на професорот Серџо Канаверо од универзитетот во Торино, кој тврди дека е способен успешно да пресади глава од човек на друго здраво тело.