Првпат во историјата – три Саудијки победија на локалните избори

0
390

Три жени од Саудиска Арабија победија на локалните избори во оваа конзервативна монархија, во која првпат во историјата на земјата им е дозволено на жените да гласаат и да се кандидираат, покажаа денеска неофицијалните резултати на изборната комисија.

Од 6.917 кандидати што се натпреваруваа на изборите што се одржаа во Саудиска Арабија во саботата, 978 беа жени.

Салма ал Отејби од провинцијата Мека, и Лами Абделазиз и Раша Хефзи од западната област Џеда, се првите три победнички на изборите.

Се очекува изборната комисија да ги објави официјалните резултати од изборите денеска попладне.

Во Саудиска Арабија доминира вахабистичкото толкување на исламот.

И покрај зголемување на застапеноста на жените во државните органи, активистите посочуваат дека жените сè уште мора да имаат машка придружба за водење бизнис-трансакции и дека сè уште не им е дозволено да возат автомобил.

www.mkd.mk