Пржинската четворка на средби со Купчан

0
278

Лидерите на четирите политички партии – потписнички на договорот од Пржино  се сретнаа со Чарлс Купчан, виш директор за европски прашања при Националниот совет за безбедност на САД. Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА разговараа со високиот американски претставник во седиштето на амбасадата на САД за актуелната политичка состојба во земјава и за евроатлантската перспектива на Македонија, се вели во партиските соопштенија.

Заев посочил дека е важно да се завршат договорените процеси до крајот на овој месец, во делот на прочистување на избирачкиот список и професионалното известување на медиумите, за да се отвори пат за избор на техничката Влада, се вели во соопштението од СДСМ. „Вистинските реформи во земјава, коишто ќе ги почувствуваат граѓаните, доаѓаат по демократските промени што ќе се случат во декември, оваа година“, рекол Заев.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, според партиското соопштение, со Купчан отворено разговарале за ситуацијата во Македонија, судирот на интереси помеѓу земјите со различни агенди, случувањата во регионот како и интеграцијата на земјата во евроатлантските структури. Кризата во земјата може да се реши само преку сеопфатни, веродостојни и демократски избори, изјавил Ахмети.

Груевски на средбата со Купчан посочил дека ВМРО-ДПМНЕ целосно ги почитува и реализира обврските преземени од меѓупартискиот договор и дека како и претходно, не постојат објективни услови за ново одложување на изборите и натамошно пролонгирање на кризата. Тој нагласил дека „е потребен искрен ангажман и од опозицијата за да се создаде амбиент на доверба во кој ниедна страна не би можела да ги оспорува изборните резултати и волјата на граѓаните“.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, соопшти дека централна тема на разговори се евроатланските интеграции на Македонија.