„Пржинските закони“ изгласани пред полноќ

0
353

Собранието вечерва пред полноќ ги донесе пакетот закони договорени во Пржино. Пратениците по итна постапка ги изгласаа законот за основање Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, измените и дополнувањата во Изборниот законик, измените и дополнувања за Законот за кривична постапка, законот за заштита на приватноста, законот за заштита на укажувачи и законот за влада, јави Радио Слободна Европа.

Најжестока дебата се водеше за Изборниот законик во делот на гласањето за дијаспората. За дел од законите воопшто немаше пријавени пратеници за дискусија.

Со измените на Изборниот Законик предвидено е во рок од 15 дена по донесувањето да се избере новиот состав на ДИК кои ќе има 9 членови. Комисијата ќе има право да поднесува кривични и прекршочни пријави.

Со законот за заштита на приватноста нема да бидат опфатени досега објавените прислушувани разговори. Законот ќе го опфати периодот од 2008 до 2015 година, а ќе почне да важи шест месеци по донесувањето. Со него се предвидува до пет години затвор за нелегално прислушување.

Со законот за укажувачи се штитат оние кои ќе достават информации за криминал во институциите.

Се очекува во текот на денот да биде закажана седницата за избор на министри и заменици-министри од СДСМ. Според договорот, нов министер за внатрешни работи ќе биде Оливер Спасовски, а министерка за труд и социјала Фросина Ременски од СДСМ. Нивни заменици ќе бидат актуелните министри Митко Чавков и Диме Спасов. СДСМ доби и заменички места во министерствата за финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација, на кои треба да бидат избрани Кире Наумов, Љупчо Николовски и Александар Кирацовски.

Собранието ги изгласа законите предвидени со договорот од Пржино во пресрет на објавувањето на извештајот за напредокот на земјава од Европската комисија. Според најавите, Македонија ќе добие условна препорака за почеток на преговори, која ќе биде условена со спроведувањето на политичкиот договор за надминување на кризата.

Без коментари

LEAVE A REPLY