Пукање во болница во Берлин

0
525

Германската полиција соопшти во вторникот дека околу 13 часот по локално време се слушнале истрели во универзитетската болница во Берлин, а весникот Bild објави дека лекар е тешко ранет, додека напаѓачот се самоубил.

Инцидентот се одиграл во берлинскиот југозападен кварт Штеглиц, во болницата „Бенџамин Франклин“ во рамките на универзитетската клиника „Шерите“, каде што се уште се присутни припадници на полицијата, вклучително и специјалци.

„Само што дознавме што се случило и сé уште не ги знаеме деталите“, изјавил за весникот претставник на градската полиција. Според очевидци , истрелите се слушнале од четвртиот кат на болницата.

Таблоидот Bild објави на Twitter дека лекар е повреден, а дека напаѓачот се убил. Полициски извори потврдиле дека пациент пукал на лекар и дека потоа се самоубил. Исто така, потврди дека лекарот се здобил со тешки повреди.

Од полицијата соопштиле дека напаѓачот бил пациент на клиниката, и оти нема индиции дека станува збор за терористички напад.

„Пациент пукал, притоа ранил лекар кој се наоѓа на одделот за интензивна нега, има сериозни повреди. Не постојат докази дека инцидентот може да е поврзан со тероризам“, рекле полициски извори и додале дека немало закана за други пациенти на клиниката.

Според агенцијата DPA, пукањето се случило на одделот за орална и максилофацијална хирургија, а од персоналот било побарано да остане во своите кабинети, да ги заклучи вратите и да ги следи инструкциите.

Околу влезот во клиниката биле распоредени најмалку 20 полициски возила, спасувачки и противпожарни екипи, а влезот во клиниката бил забранет.

Клиниката „Бенџамин Франклин“, една од четирите на клиничкиот центар „Шерите“, се смета за најголемата универзитетска клиника во Европа. Изградена е во шеесеттите години од минатиот век, има капацитет за околу 900 пациенти./крај/мф/сн