Путин го повика Киев веднаш да прекине со гранатирањата на Донбас

0
615

Рускиот претседател Владимир Путин повикал на итен прекин на нападите од страна на украинските вооружени формации врз населените места во одметнатиот рускојазичен источен регион Донбас во четиристраниот телефонски разговор што доцна ноќта во понеделникот го водел си украинскиот колега Петро Порошенко, претседателот на Франција Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел, објави ноќта кон вторникот Кремљ.
Четворката разговарала за политичкото решение на ситуацијата во југоисточна Украина, при што била истакната важноста од строгото придржување до прекинот на огнот и овозможување поефикасна работа на Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ на којашто треба да ѝ се дадат дополнителни овластувања како и зајакнување на Заедничкиот центар за контрола и координација, соопшти руската страна.

Засега нема соопштение за четиристраниот разговор од кабинетите на другите челници.

„… Путин повика на неодложен прекин на огнот од страна на украинските вооружени формации врз населените места во Донбас. Нагласи дека клучен елемент за решението (на украинската криза – з.р.) е директниот дијалог меѓу Киев и Донецк и Луганск со цел за потполна и сеопфатна примена на договорот од Минск од 12-ти февруари 2015 година“, го цитира агенцијата РИА соопштението на кабинетот на рускиот претседател во врска со разговорот на ткн „Нормандиска четворка“ за решавањето на кризата во југоисточна Украина.

Според Кремљ, било истакнато дека на партнерите од ткн нормандиски формат им бил преставен пакет од мерки за спроведување на локалните избори во самопрогласените ткн Народни републики во Донецк и Луганск, нивниот специјален статус, општата амнестија и децентрализацијата, коишто треба детално да ги разгледа Контактната група.

Покрај за проблеми од хуманитарен и споцио-економски аспект во југоисточна Украина, Путин, Оланд и Меркел го искористиле разговорот и за разгледување на проблемите со сириската криза./крај/мф/сн