Путин ја пречека хрватската претседателка во Русија

0
437

Рускиот лидер Владимир Путин ја дочека хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ во државната резиденција во Сочи, руското летувалиште на Црното Море, каде разговараат за унапредувањето на запоставените билатерални односи.

„Многу ми е драго што се сретнувам со вас во Русија, драго ми е за приликата да поразговараме за билатералните односи, но и за регионалните прашања. Добредојдовте“, ѝ кажа Путин на хрватската претседателка на почетокот на средбата во резиденцијата Бочаров ручеј.

„Се радувам на нашите денешни разговори и верувам дека ќе ставиме ново скалило, односно ќе отвориме нова фаза во нашите односи, разговарајќи за билатералните односи, пред сѐ за проширувањето на економската соработка, културната и сите други, но и прашањата околу безбедноста на европскиот континент, особено во југоистокот на Европа и за прашањата за глобалната безбедност во кои Русија игра важна улога“, кажа Грабар Китаровиќ.

Таа кажа дека во овој момент меѓу двете земји има неколку отворени прашања и изрази уверување дека за нив може да се разговара во рамки на „отворен дијалог со меѓусебна почит“.

„Пред сѐ сметам дека може да поставиме позитивни претпоставки за понатамошно проширување на соработката меѓу Хрватска и Русија“, истакна таа.

Хрватската претседателка ја искористи приликата да го покани Путин во официјална посета на Хрватска. Рускиот лидер потсети дека годинава се одбележува 25-годишнината на дипломатските односи меѓу Руската Федерација и Република Хрватска и изрази задоволство поради значителниот раст на трговската размена меѓу двете земји.

www.mkd.mk