Путин ја презема иницијативата во борбата против IS

0
262

Рускиот претседател Владимир Путин предложи нова коалиција во борбата против сунитската екстремистичка групација Исламска држава (IS) во неделата, ден пред неговиот говор на Генералното собрание на Обединетите наци, а истовремено Ирак потврди дека ќе ги споделува разузнавачките информации со Русија, Иран и Сирија во справувањето со споменатата џихадистичка терористичка организација која е означена од меѓународната заедница како најголемата безбедносна закана за светскиот мир во моментов, пренесуваат агенциите.

„Предложивме соработка со земјите од регионот. Се обидуваме да воспоставиме една рамка за координација“, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервјуто за американската телевизиска мрежа CBS News емитувано во неделата.

Според него, целта е да се воспостави заедничка платформа, како колективна акција противи терористите.. „Лично за тоа ги известив“ кралските палати на Саудиска Арабија и Јордан, како и САД и Турција, истакна Путин.

Во меѓувреме во неделата и портпаролот на ирачката влада ги потврди информациите од саботата дека ќе бидат засилени напорите во разузнавачката сфера меѓу Русија, Ирак, Сирија и Иран.

„Станува збор за координативна комисија на четирите земји во областа на военото разузнавање, со цел да се разменуваат и анализираат информациите“, изјави Саад ал-Хадити, портпарол на владата на ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади, пренесе AFP.

Воено-дипломатски извори во Москва соопштија дека центарот за координација на информациите кој е воспоставен во ирачката престолнина Багдад, би можеле на основа на ротација да го водат функционери од четирите земји, почнувајќи од Ирак.

„Комисијата ќе се концентрира на надзорот на движењето на терористите и намалувањето на нивните капацитети“, рече ал-Хадити.

Русија, којашто е децениски стратешки сојузник на Сирија во регионот на Блискиот исток, вклучително и на актуелниот претседател Башар ал-Асад, чие заминување го сакаат соседните сунитски земји и Западот, забележливо го зголеми своето воено присуство и воена помош во североисточна Сирија и за Ирак. Според Вашингтон, руски борбени авиони и војници се распоредени во покраината Латакија, којашто е бастион на владата во Дамаск кој добива и зголемени испораки модерно руско оружје.
Испораките на најмодерното руско оружје во значителни количества на Сирија и на Ирак ги потврди и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Меѓутоа, уште нема официјална потврда на информациите за руско воено присуство на сириското боиште.

Ваквата иницијатива на Москва ја засили загриженоста на САД и неговите европски сојузници. Критичарите го повикаа американскиот претседател Барак Обама да биде порешителен по прашањето на Блискиот исток, особено Сирија, и сметаат дека недостигот од јасна американска политика дава можност за ширење на Исламската држава.

Русија би можела „теоретски“ да ѝ се приклучи на коалицијата од шеесетина земји којашто ја предводат САД против Исламската држава но и против владата на Асад, и да биде вклучена во конкретните меѓународни напори да се совлада Исламската држава, доколку владата на Башар ал-Асад учествува во тоа, и доколку сетот тоа би имало мандат од Обединетите нации, пренесува руската агенција Интерфакс.

Инаку во понеделник ќе се одржи првата по две години, во прв ред поради разијдувањето во врска со украинската криза, средба меѓу рускиот и американскиот претседател, по нивните настапи на Генералното собрание на ОН.

Последен пат Путин и Обама се сретнаа во септември 2013 година во Санкт Петербург, во рамките на самитот на Г20, кога главна тема беше ситуацијата во Сирија. Потоа, од почетокот на 2014 година односите меѓу Москва и Вашингтон значително заладија, поради кризата во Украина, така што меѓу нив се одржаа само неколку телефонски разговори и куси средби „од нога“ на во јуни и ноември 2014-та во Нормандија и Кина.

Белата куќа при објавувањето на договорениот состанок меѓу двата челника, брзо истакна дека таа ќе се оствари по барање на Кремљ, на што од Москва одговорија дека Вашингтон прв дал предлог, и тоа со два термина од кои бил прифатен 28-ми септември, истакнува агенцијата ТАСС.

Според советникот на рускиот претседател Дмитриј Песков, главната тема на средбата меѓу Путин и Обама ќе биде ситуацијата во Сирија, но оти „не е исклучено да биде отворена и темата за Украина, доколку дозволи времето“. За намерата на Обама да зборува со Путин за украинската криза, претходно соопшти портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест./крај/мф/сн