„Путин ќе го тестира НАТО“: Литванците стравуваат од руска инвазија

0
275

Литванија предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да го тестира НАТО во неделите пред официјалното стапување на Доналд Трамп на претседателската функција во САД.

Литванските државници соопштија дека руската закана расте, а се шири и стравот од можна руска инвазија. Министерот за надворешни работи на Литванија Линас Линкевичиус кажа дека е „многу уплашен“ за Балтикот, како и за сирискиот град Алепо.

Литванија верува дека Русите имаат „мрачни намери“ кон таа земја поради нејзината географија и историја. Поранешната членка на Советскиот Сојуз, сега во состав на НАТО и ЕУ, се граничи со Русија и руската енклава Калининград на Балтичко Море.

Литванската влада официјално изрази стравување поради блискоста на Путин и Трамп, а Линкевичиус додаде дека „Русија не е голема сила, туку голем проблем“.

Русија, пак, инсистира на тоа дека не е закана, обвинувајќи го НАТО дека го разгорува огнот во регионот трупајќи војска во близина на руската граница.

Линкевичиус за Би-би-си вели дека Путин веројатно го гледа периодот до инаугурацијата на Доналд Трамп како прилика да ја тестира воената готовност и дипломатските ставови на западниот воен пакт.

„Новата администрација нема официјално да дојде на власт до втората половина на јануари. Се плашам од овој период, не само поради балтичкиот регион, туку се надевам и дека Алепо нема да биде срамнет со земја до тогаш“, изјави литванскиот министер.

Литванците подвлекуваат и дека Русија трупа воена опрема во Калининград и потсетува дека пред 25 години од Москва стигнала наредба да се разбијат мирните протести за независност во Вилнус.

„Земјите кои најдобро ја разбираат Русија се оние кои се најблиску до неа. Бев дете, а и понатаму се сеќавам на звукот на тенковите кога дојдоа Русите со советската војска, тоа беа руски трупи и вршеа инвазија, така што не можеме ни сега да бидеме наивни“, изјави литванскиот опозициски политичар Габриелиус Ландсбергис.

Литванците можноста од инвазија ја сфаќаат многу сериозно, пишува Би-би-си.

Политичките лидери се обидуваат да им докажат на САД дека Литванија е одговорен партнер во западната алијанса, а се печатат и посебни памфлети кои им покажуваат на цивилите како да се однесуваат во случај на инвазија.

„Да, тоа е аларм. Тоа е аларм не дека Русите доаѓаат, туку дека заканата расте секој ден“, вели анонимен литвански мајор за Би-би-си.