Путин: Немаме намера да создаваме империја, но ќе се браниме од сите закани

0
506
Russian President Vladimir Putin chairs a meeting with officials focusing on economy in the Novo-Ogaryovo residence outside Moscow, Russia, Thursday, Jan. 30, 2014. (AP Photo/RIA-Novosti, Mikhail Metzel, Presidential Press Service)

Руски копнени трупи во Сирија не доаѓаат предвид, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за руската телевизија Расија 1. Според него, руската воздушна интервенција била темелно подготвена и нејзината цел е поддршка на копнената офанзива на сириската армија.

„Што и да се случи, нема да го направиме тоа (копнена операција) и нашите сириски пријатели се свесни за тоа. Примарната цел на руската операција во Сирија е стабилизирање на легитимната власт во земјата и создавање на услови за наоѓање политички компромис“, изјави Путин.

Рускиот лидер особено истакна дека Москва ја информирала западната коалиција за почетокот на операциите во Сирија.

„Ние претходно им ги најавивме на американските и другите партнери, особено оние во регионот, за нашите намери и планови“, кажа Путин, особено истакнувајќи дека „Русија никогаш не била предупредена за сличните операции кога тие била планирани или започнувале“.

„Сепак, ние го направивме тоа. Со добра воља, со водење сметка за практичноста и како знак на нашата спремност за заедничка работа. Уште еднаш ќе истакнам дека нашите активности се целосно во рамки на меѓународното право, и на барање на властите во Сирија“, кажа Путин.

Руската операција во Сирија не е спонтана и ѝ претходеше детално сателитско и воздушно разузнавање, кажа Путин, додавајќи дека експертите од руските Генералштаб со нивните партнери од Сирија и други земји од регионот создадоа информациски центар во Багдад за размена на разузнавачките податоци.

„Поради тоа, она што се случува во воздухот и на земјата не е спонтана акција, туку реализација на претходно направени планови“, кажа рускиот претседател.

Според него, шансите за домашен политички компромис во Сирија ќе бидат поголеми доколку сириската армија покаже дека е подготвена за борба.

„Ако сириската армија ја покаже својата сила и подготвеноста да се бори против тероризмот, можноста за постигнување политички компромис ќе биде поголема“, изјави Путин.

Коментирајќи ги ударите со крстосувачките проектили од страна на руската морнарица во Каспиското Море против позициите на Исламска држава во Сирија, кои според новинарот на руската телевизија беа „изненадување за американските разузнавачки служби“, Путин кажа дека сега не е време да се потсмева со американската разузнавачка заедница.

„Американските разузнавачи се едни од најмоќните во светот, но и тие не знаат сѐ – ниту пак треба да знаат сѐ“, кажа рускиот лидер. Тој додаде и дека не му е јасно зошто САД одбиваат да ги споделат своите информации за локациите на инфраструктурата на ИСИС со Русија.

„Дел од руските ударни ракетни системи се застарени, па работиме на напредно оружје со високотехнолошка прецизност кое наскоро ќе биде готово. Доколку се најде под закана, верувајте дека Русија ќе го употреби своето најсофистицирано оружје за да ја зачува националната безбедност“, кажа Путин во интервјуто.

Сепак, тој истакна и дека „руската надворешна политика е мирољубова, без какви било претерувања“.

„Ако ја погледнете политичката светска мапа и видите каде се наоѓа Русија, ќе ви стане јасно дека не ни требаат ни туѓи територии, ниту пак природни ресурси. Имаме сѐ во изобилство. Ние сме самоодржлива земја“, кажа рускиот претседател додавајќи дека Русија не сака конфликт со ниту една земја.

„Русија нема намера да создава империја ниту пак да го воскреснува Советскиот Сојуз, но мораме да ги браниме нашите независност и суверенитет. Го правевме тоа и досега, а ќе го правиме и во иднина“, исткан Путин.