Путин: Русија ќе го нападне НАТО само во соништата на лудаците

0
179

Рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека Русија не ги зголемува своите воени капацитети вон своите граници, туку дека само одговара на воените закани од САД и НАТО, пренесува Раша тудеј.

Тој во интервју за италијанскиот весник Кориере дела сера истакнал дека не треба да се сфаќаат сериозно шпекулациите кои Западот ги шири за „некаква руска агресија“.

Путин додал и дека глобален воен конфликт е незамислив во модерниот свет.

„Само луд човек и тоа во сон би можел да замисли дека Русија ненадејно го напаѓа НАТО. Мислам дека одделни земји го користат стравот на луѓето од Русија. Тие сакаат да ја одиграат улогата на земји на првата линија на огнот кои сакаат да добијат воена, економска, финансиска или некоја друга помош“, кажал Путин.

Според него, САД сакаат да имаат некаква надворешна закана за да го задржат лидерското место во североатлантската заедница.

„Иранб сигурно не е доволно опасен или доволно голем“, кажал Путин со, според Раша тудеј, доза на иронија.

Рускиот лидер ги повикал новинарите да го споредат глобалното воено присуство на Русија и САД, односно НАТО, како и намерите за зголемување со напомена дека руската воена политика не е глобална, нападна или агресивна.

Според него, постојат мали контигенти руски војници во Таџикистан, на границата со Авганистан, но дека тие се таму само за да спречат упад на исламистички терористи. Тука е и Киргистан, каде руското воено воздухопловство има воена база, но на барање на киргистанските власти.

„Всушност, Русија работи на тоа да го намали своето воено присуство вон своите граници, додека САД го прават спротивното. Ги отстранивме своите бази на Куба, во Виетнам… Ве повикувам да објавите во своите медиуми мапа на светот и да ги означите сите американски бази. Ќе ја видите разликата“, истакнал Путин.

Со напомена дека се потребни само 17 минути американските ракети од норвешките територијално води да стигнат до Москва, рускиот претседател кажал дека тоа не се смета за агресија.