Работната група од понеделник за изборното законодавство

0
224

По двонеделната пауза, работнатa групa составена од претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА ќе продолжи со состаноците за спроведување на договорот од Пржино од понеделник. Изборите се договорени за во април, а дотогаш треба да се решат многу барања содржани во извештајот на експертот Прибе.

Од СДСМ изразуваат оптимизам околу епилогот на договорот, иако се сомневаат дека ВМРО-ДПМНЕ има волја да создаде вистинска атмосфера за реализирање на договорот од Пржино.

„Остануваме посветени во имплементирање на договорот и очекуваме дека без оглед дали постои или не постои волја или желба за исполнување или волја и желба за неисполнување на договорените обврски, дека тој договор ќе биде исполнет во целост“, изјави портпаролот Петре Шилегов за Радио Слободна Европа.

Тема на дневниот ред од понеделник се избирачкиот список и изборниот законик, а ќе се почне со поинтензивни разговори за останатите законски решенија кои треба да бидат постигнати согласно договорот.

Во фокусот е законското решение за специјален јавен обвинител и начинот на кој тој ќе биде избран.

Треба да се утврди и процедурата како партиите ќе ги предлагаат кандидатите кои сметаат дека се соодветни за тоа место, а потоа, најдоцна на 15 септември, во Собранието да се избере специјалниот обвинител.