Ракетен напад врз турскиот град Килис крај сириската граница

0
342

Најмалку едно лице загинало а 26 се ранети, меѓу кои и деца, во неделата кога проектили истрелани од позициите кои ги држи екстремната сунитска организација Исламска држава во северна Сирија паднале во пограничниот турски град Килис.
Две ракети погодиле куќи во сиромашна населба во близна на центарот на Килис. Во овој напад повредени се 16 лица. Подоцна уште два проектила погодиле џамија, при што загинало едно лице, а уште десет се рането.

Џамијата е стотина метри оддалечена од канцеларијата на гувернерот на покраината во којашто во тој момент се наоѓал турскиот вицепремиер Јалчин Акдоган, кој веднаш вети дека властите ќе возвратат со сите расположливи средства. И пред неговата изјава турските сили возвратија на гранатирањето од сириска територија.

Во петокот три лица загинаа а шест други беа ренети, исто така, во Килис во идентичен ракетен напад од сириска територија, со што оваа турска погранична покраина продолжува во подолг период да биде цел на слични напади. Вкупната бројка загинати во градот во овие ракетирања сега се искачи на 16 жртви, а врз градот од почетоков на годината Исламската држава истрелала повеќе од 40 проектили.

Турските медиуми пренесуваат дека локалното население поради овие напади протестирало кај гувернерот. Во градот Килис, инаку, од почетокот на сирискиот конфликт во март 2011 година, има повеќе сириски бегалци отколку турски жители./крај/мф/сн