Расте бројот на жртвите во бомбардирањето на предградие на Дамаск

0
248

Меѓународната хуманитарна организација Лекари без граници (MSF) соопшти дека најмалку 70 луѓе загинале а повеќе од 500 се ранети во текот на воздушни и артилериски бомбардирања во петокот во предградие на сириската престолнана Дамаск, во соопштението поставено на официјалниот сајт на организацијата, а истовремено сириската армија објави дека продолжува со нападите врз истите области кои се под контрола на исламистичките бунтовнички групи.
„Најмалку 70 луѓе се убиени и 550 се ранети во воздушни и артилериски гранатирања на пазар во петокот во областа Дума во близина на Дамаск“, се наведува во соопштението на организацијата. Притоа MSF, како и опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, не наведува која страна ги извршила нападите.

Покрај тоа, не се споменува и дали загинатите и ранетите се цивили или вооружени припадници на вооружените бунтовнички групации. Предградијата на Дамаск, кои се со мнозинско сунитско население, инаку, од почетокот на бунтот се под контрола на бунтовничките иламистички групации од каде изведуваат минофрлачки напади врз владини и цивилни објекти во центарот на сириската престолнина. Од Лекари без граници за агенцијата РИА не одговориле за изворот на нивните информации.

Истовремено во саботата сириската армија соопшти дека продолжува си нападите „исклучително по позициите на бунтовниците“, и дека немало гранатирања на станбени објекти.

„Сите информации за воздушни удари врз цивили во предградијата на Дамаск и Алепо се апсолутни невистини. Нашите авиони ги нападнаа позициите на терористите. Беа погодени цели кои претходно беа дефинирани, каде што нема цивилно население. Уништено е складиште со муниција и локација на борци на вооружените групации“, соопшти командата на сириската армија“, во изјавата што ја пренесува државната новинска агенција SANA.

Претходно во саботата, во своето обраќање во Женева, за ова бомбардирање во Сирија зборуваше и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, велејќи дека „вчера десетици луѓе беа убиени, а многу други беа ранети, кога сириските владини сили истрелаа проектили на пазар во Дума“, пренесе AFP.

Меѓутоа, Бан притоа не прецизираше на кои извори се засноваат неговите сознанија. Претходно ОН издаде соопштение во врска со жртвите во воздушни напади во Сирија, но потоа нејзините портпароли потврдија дека нивните податоци не се базираат на сознанија на светската организација, туку на непроверени извештаи од медиуми и невладини организации./крај/мф/сн