Расте бројот на жртвите во земјотресот во Италија

0
286

Бројката на загинати во земјотресот што ноќеска ја погоди централна Италија се искачи на 20 до овој момент. Спасувачките екипи јавуваат дека се слушаат стотици гласови што бараат помош под урнатините.

Епицентарот на земјотресот со јачина од 6,2 степени е на 10 километри од Норчија, историско и туристичко гратче во провинцијата Перуџа во југоисточна Умбрија. Се случил на многу мала длабочина од само 10 километри. Разурнувањето е огромно, пренесоа европските медиуми.

Официјалните информации велат дека Аматриче, Акумболи, Поста и Арквата дел Тронто се најтешко погодени, а Аматриче е речиси целосно збришан. Погодени се регионите Умбрија, Марке и Лацио.

Земјотресот бил почувствуван и во Рим, на 150 километри од епицентарот, а зградите буквално се нишале околу 20 секунди во 3.36 утрово. Сеизмолошките институции известуваат за околу 60 афтершокови во наредните четири часа, при што најјакиот бил со јачина од 5,5 степени.

– Откако се раздени, сфативме дека катастрофата е уште поголема отколку што мислевме – вели Стефано Петручи, градоначалник на Акумболи.