Растот на каматите ќе зависи од случувањата во реалната економија

0
432

Одлуката на Народната банка за зголемување на каматната стапка на благајничките записи е очекувана а целта е да се намали побарувачката за девизи, коментираат дел од економистите. Според универзитетскиот професор Владимир Филиповски, бидејќи се работи за основна референтна каматна стапка, за очекување ќе биде комерцијалните банки да ги корегираат во нагорна линија каматните стапки за дел од кредитите.

„Овој потег на Народната банка беше очекуван и практично е на некој начин најавен од страна на гувернерот на НБРМ Димитар Богов. Каматната стапка на благајничките записи е основна референтна стапка во економијата и според нејзините промени треба соодвтено да се менуваат и другите каматни стапки, а тоа се пред каматните стапки во банкарскиот сектор. Мислам дека она што Народната банка сака да го испрати како сигнал со одлуката за зголемување на каматните стапки на благајничките записи, е фактот дека доколку постои некој вишок на ликвидност, вишок на заштеди дека тие не треба да се претвораат во странски валути, туку дека треба да останат во денари.

Сметам дека крајната цел е да се дестимулира побарувачката за девизи на девизниот пазар, и со тоа да се смири овој притисок кој што се чувствуваше последниве денови на девизниот пазар во смисла на зголемена побарувачка за евра. Следниот чекор по оваа одлука би бил банките да реагираат на оваа промена. Но колку и како ќе реагираат зависи од проценката на самите банки за тоа што се случува во реалната економија и нивната проценка колку овие притисоци се сериозни и колку долго би траеле евентуално, и се тоа треба да го проценат банките.

Сепак очекувањата се дека банките ќе реагираат соодветно и ако се зголеми основната референтна каматна стапка, тоа сигнализира рестриктивна монетарна политика и затоа се очекува и банките на некој начин нагоре каматните стапки. Очигледно е дека во основата на оваа нестабилност на девизниот пазар се пред некои настани во политичката сфера, а не толку во онаа економската сфера во однос на фундаментите на економијата.

Платниот биланс е во основа урамнотежен во смисла нема некои посебни притисоци кои би дошле од таа страна. Исто така инфлацијата е ниска, стабилна но очекувањата за инфлацијата се она кон што е насочена монетарната политика и веројатно ваквиот пораст на каматните стапки е исто така начин да се смири и таа неизвесност доколку постои такво нешто. Но ќе кажам, основното е дека ова е само посреден начин да се влијае на девизниот пазар, директниот начин е со интервенција на НБРМ на девизниот пазар од девизните резерви за смирување на побарувачката.

Но индиректно ова е друг инструмент со кој што на некој начин се настојува да се дестимулира претворањето на денарски штедни влогови или денарска ликвидност во девизна ликвидност“, вели универзитетскиот професор Владимир Филиповски за порталот Фактор.