Разбиена криминална банда која шверцувала мигранти од Балканот во Италија

0
240

Четири лица, осомничени дека шверцувале мигранти од Балканот во Италија, се уапсени во координирана акција на италијанската, унгарската и словенечката полиција, јавуваат светските агенции.

Италијанската полиција соопштила дека двајца од осомничените биле уапсени на северот на Италија, еден во Будимпешта и еден осомничен во градот Марибор во Словенија.

Сите четворица се осомничени за злосторничко здружување.

Како што соопштиле од италијанската полиција, осомничените лица и припаѓале на меѓународна криминална група со потекло од Пакистан, а сo седиште во Милано.

Криминалната група, наводно, транспортирала пакистански, бенгалски и авганистански мигранти од Унгарија во Италија и во земјите во северна Европа. Групата мигрантите ги транспортирала со возила за достава, притоа користејќи лажни документи.

Според италијанската полиција групата од шверцот на мигранти годишно заработувала околу половина милион евра.