Разни иницијативи, организации, општини и компании се вклучуваат со помош и донации

0
453

По невремето кое го зафати Скопје, за 48 часови, преку телефонскиот број 143-400 се собрани 5 милиони денари наменети за поплавеното население. Овој број е се уште отворен. Во меѓувреме, донациите и помошта продолжува преку повеќе иницијативи, организации, општини, компании…

Општина Струмица  денеска едногласно одлучи еден милион денари од оштинскиот буџет да бидат доделени на настраданите од поплавите. Покрај тоа, општината ќе испрати луѓе и механизација на загрозените подрачја кои ќе учествуваат во чистењето на улиците и запушените канализациони и водоводни цевки.

Општина Ресен исто така на вонредна седница донесе одлука за донација на 100.000 денари до Фондот за солидарност. Разна помош беше најавена и од Припеп, Куманово учествува со донација од 1 милион денари, а Гевгелија информираат дека се приклучиле со едно противпожарно возило, две пумпи и двајца пожарникари. Екипите ја испумпувале водата од поплавените домови во Сингелиќ.

При расчистувањето активно се вклучени и припадниците на АРМ.  Војниците помагаат при расчистување на дворовите, улиците, како и при доставувањето на неопходните работи до најпогодените подрачја.

Меѓу оние што се се вклучија во хуманитарната поддршка се и Стопанската комора на Македонија и компаниите-членки на Комората.

„По повод тргагедијата што им се случи на жителите на поплавените подрачја, кои во еден миг останаа без своите домови, а некои, за жал, и без своите најблиски, однесени од поројните дождови, на настраданите и на семејствата на загинатите, Стопанската комора на Македонија заедно со компаниите, кои несебично ги поддржуваат напорите за помош, се вклучија во активности за обезбедување хуманитарна помош“, наведуваат од Стопанската комора.

Голем број на граѓани вчера самостојно се организираа и направија пунктови на повеќе локации, каде собираа помош за поплавените. Активисти ги користат социјалните мрежи за подобро организирање и координација на активностите. Отворена е интерактивна мапа за Пунктови за донации.

Најпотребни производи за настраданите се конзервирана храна, храна за бебиња и пелени, вода за пиење, средства за хигиена и средства за дезинфекција, како и финансиски средства.