Реакции за еврообврзницата

0
376

Либерално-демократската партија е сериозно загрижена од темпото и нивото на задолженост на земјава, особено по официјализирањето на намерата на власта за издавање на нова еврообврзница од рекордни 650 милиони евра.
Овој чин на власта во заминување е погубен поради фактот што задолжувањето со еврообврзницата не е мотивирано заради продуктивна потрошувачка, туку од политички цели, изјави на денешната прес конференција портпаролот на ЛДП, Филип Јаневиќ..

„Затоа како конструктивна опозиција отворено и јавно го поставуваме прашањето –каква смисла имаат преговорите меѓу потписничките на Пржинскиот договор, за изнаоѓање на решение за политичката криза, кога власта под диктат на Никола Груевски се задолжува со нова еврообврзница за корупција на гласачкото тело“, вели Јаневиќ.

„Фајненс тинк“ реагираше на одлуката на Владата да издаде нова еврообврзница тешка 650 милиони евра и го повика Министерството за финансии да изврши проценка на износот на позајмувањето и значително да го намали. Исто така, го повикуваат Министерството да одговори на прашањето: За која намена ќе се потрошат парите од еврообврзницата, особено имајќи предвид дека во услови на намален економски раст, ова задолжување станува релативно скапо?

„Наредбата за задолжување која доаѓа од осомничените криминално партиско политички структури е обид до крај да се уништи економијата и да се донамали и онака нискиот стандард на нашите граѓани. Пораката која доаѓа од овие структури, а која треба да ја реализираат сервилните и клиентелистички министри и останати функционери е мошне јасна ,,Кога ние заминуваме и вие нема да постоите”, пишува во соопштението од ФРОДЕМ.

„Одлуката се носи во услови на длабока политичка криза, на постојани протести против криминалната власт и одолговлекување на процесирањето на случаи со силни индиции за тешки криминали. Оттука, земајќи ја предвид досегашната нетраспарентност, криминалното однесување и расфрлањето со народните пари, цврсто се противиме на ова големо задолжување на граѓаните. Предупредуваме, цената на задолжувањето ќе ја платат идните генерации, со превисока камата. Доколку се издаде еврообврзница во износ од 650 милиони евра, на 10 години, со купонска камата од 7%, само за камата ќе треба да платиме 455 милиони евра! Ова мора да се спречи“ порачува Левица.