Реакција на Николов за неговото разрешување

0
557

„ Вчера бев разрешен од позицијата директор на ИФФК „Браќа Манаки“. Во овие тешки времиња низ кои поминува нашата земја, можеби оваа манифестација не би требала да е во фокусот на интерес, но должен сум да ја известам јавноста за случувањата кои може да имаат катастрофални последици за овој најзначаен фестивал, не само во Македонија, туку и многу пошироко.

На последното собрание на ДФРМ што се одржа вчера (12.04.2016, на кое не бев присутен поради отсуство од Македонија), раководството на ова здружение по брза, перфидна постапка наметна измена на правилникот за работа на фестивалот „Браќа Манаки“, со цел да обезбеди покритие за смената на директор на фестивалот. Со вметнување на нов член во овој правилник, кој кажува дека директорот на фестивалот може да биде разрешен доколку не биде прифатен неговиот извештај, претседателот на ДФРМ барал да се изгласа новиот правилник, со најдобра намера, дека со тоа се дефинира подоброто функционирање на фестивалот. Веднаш потоа го ставил на гласање усвојувањето на извештајот за последното 36.издание на фестивалот, кој не бил усвоен, БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ, зошто!

Оваа одлука на сегашните властодршци во Друштвото, говори дека тие сакаат да го уништат фестивалот и да го обезличат пред партнерите и европските институции. Затоа, се поставува прашањето – дали ДФРМ треба да е носител на една ваква важна манифестација!?

Фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“, сепак, има многу пошироко општествено значење, не само за филмаџиите, за него мора да има поширок општествен интерес и никој смее да го сведе на перфидни или политички игри „со добри намери“.

Фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“ припаѓа на сите, не само на ДФРМ, не само на Битола, не само на Македонија. Фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“ е меѓународно најстар и најзначаен фестивал за креаторите на филмската слика.

Дали „Браќа Манаки“ треба да биде оставен сам на себе пред неколкумина интриганти и фабрикувачи на „политика“ во ДФРМ?“ стои меѓу другото во реакцијата на Димитар Николов-Таки.