РЕАКЦИЈА ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ треба да го загрижува отпорот кој се создаде против нивната деструктивна политика

0
403

Одговорното и достоинствено однесување мора да биде императив за сите политички фактори. Република Македонија мора да оди напред и не смее веќе да биде заложник на политичката криза и агонијата која е создадена изминатиот период. Народот бара решенија за секојдневните проблеми, а не партиите како приоритет да ги имаат личните интереси на нивните раководства, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по Централниот одбор на СДСМ, каде беа одлучени чекорите на социјалдемократите.

Според владејачката партија, фер и демократски избори ќе има, а, велат од таму, тоа не е прашање кое СДСМ треба да го загрижува.

„Тоа што СДСМ треба да го загрижува отпорот кој се создаде во државата против нивната деструктивна политика, базирана на фабрики за афери, сплетки, интриги, шпиунски филмови и манипулации. Државата, нејзината иднина и иднината на граѓаните не смеат да зависат од себичноста, деструктивноста и кусогледоста на неколку лица од опозицијата. Агонијата треба да ја оставиме зад нас“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Очекувааат СДСМ како партија која го води МВР и има одлучувачко влијание во ДИК, единствените институции од кои директно зависат изборите, да го даде својот придонес во организирањето на фер и демократски избори и да не го опструира процесот заради, како што велат, стравот од соочувањето со граѓаните.

„Впрочем, новата Влада во која ќе учествуваат има една цел, организирање на избори. Доста е од закани, доста е од лажни пароли и навреди, време е Македонија да продолжи напред по патот на напредокот. Граѓаните тоа го очекуваат од нас. На 24-ти април народот на фер и демократски избори ќе каже што мисли за партиите и за нивното однесување и понуда, програма, и СДСМ нема да можат да избегаат од волјата на народот“, реагираат од владејачката партија.