Регистрација на вонбрачна заедница кај нотар

0
1698

Вонбрачната заедница ќе се регистрира кај нотар. Тоа е дел од реформата на семејното право во идниот граѓански законик кој Владата веќе го подготвува преку Министерството за правда.

Лицата кои живеат заедно, но не сакаат да стапат во брак и да се регистрираат пред матичар, ќе може да дадат изјава кај нотар и да добијат потврда дека живеат во вонбрачна заедница.Постапката треба да ги растовари судовите и истовремено да се скратат процедурата и времето за развод. Тоа ќе биде официјален документ со кој ќе се докажува од кога започнала вонбрачната заедница и заверката на потпис кај нотар ќе чини 100 денари и плус 50 денари судска такса.

Во Македонија сè повеќе има вонбрачни заедници. Статусот на вонбрачната заедница е изедначен со статусот на бракот. Тоа значи дека после една година заедничко живеење партнерите ги имаат истите права и обврски како да се во брак. Имаат право на делба на имот, да наследат пензија доколку едниот почине, имаат право да бараат алиментација.Во мирување е идејата судовите да им ги препуштат спогодбените разводи на нотарите. По примерот на европските земји, Владата пред неколку години поведе постапка за олеснување на процедурата за развод кога станува збор за брак каде што нема малолетни деца. Разводот пред нотар требаше да се однесува само во случаите кога двајцата партнери се согласуваат на развод и немаат спорни прашања.
Од Комората на нотари на Република Македонија велат дека се подготвени да ја преземат оваа работа од судовите. Но, Владата ја одложи оваа реформа и нема прецизен одговор кога предложените законски измени ќе се стават на јавна расправа.

Сега разводот се спроведува исклучиво во суд, по тужба или спогодбено барање. Судот ги повикува партнерите на рочиште и спроведува мировна постапка. Доколку има деца, се бара мислење од Центарот за социјални работи. Разводот може да трае две недели, но и три и повеќе месеци доколку партнерите не можат да се договорат.

Бројот на разводите во 2015 година бележи намалување од 0,5 % во споредба со 2014 година и изнесува 2.200 разведени бракови. Но, разведените бракови во првите три месеци од годинава бележат зголемување од 20,5% во споредба со истиот период од 2015 година и нивниот број изнесува 664. Најмалку бракови, 74 или 3,4%, во текот на годината се разведени во август, а најмногу, 205 или 10,5%, во декември. Според траењето на бракот, најголем број разводи, 498, се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во последниве години константно расте бројот на разводи, а опаѓа бројот на склучени бракови. Бројките покажуваат дека во 2014 година, во споредба со 2013, склучени се за 1,2 отсто помалку бракови, односно имало 13.813 бракови. Најчесто стапувањето во прв брак е со учество од 92,7 отсто за жените и 90,6 отсто за мажите. Во втор брак, со учество од 8,7 отсто, и во трет брак со учество 0,7 отсто во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.