РЕК Битола е втор најголем загадувач во Европа

0
487
Tермоцентралата РЕК Битола е втор по ред најголем загадувач во Европа и Западен Балкан, а прв во Македонија покажува извештајот на Европското здржение за здравје и животна средина. Според проценките за влијанието на производството на енергија од јаглен врз здравствените трошоци на Западниот Балкан во регионот се наоѓаат дури седум од десет такви термоелектрани.
Според податоците на организацијата, во регионот на Југоисточна Европа на прво место според бројот на смртни случаи предизвикани од загаден воздух е Бугарија, а зад неа се Србија и Црна Гора.

Македонија, според анализата, произведува нешто помалку од 80 проценти од својата електрична енергија од јаглен и генерално е зависна од овој енергенс. Проценките се дека штетите врз здравствениот систем во Европа поради штетните супстанци кои ги емитува Македонија изнесуваат помеѓу 256 и 720 милиони евра годишно.

Најголем загадувач во Македонија е РЕК Битола. Оваа термоелектрана годишно испушта околу 2.700 тони ПМ 2,5 честички во воздухот, со што е на второ место во Европа веднаш зад термоелектраната „Косово А“ во близина на Приштина. РЕК Битола е во европскиот врв и според емисијата на сулфурен диоксид СО2, со околу 67 илјади тони годишно.

Според статистиката на Светската здравствена организација, регионот на Југоисточна Европа има загуба од 19 проценти од својот БДП годишно поради трошоците поврзани со случаите на прерана смрт предизвикана од загадувањето на воздухот. За разлика од Германија, каде здравствени трошоци поради загадениот воздух достигнуваат околу 4,5 отсто од БДП, на Балканот- во Србија тој достигнува дури 33,5 проценти, додека во БиХ околу 21 отсто.
Во HEAL сметаат дека во ЕУ до 2040. година треба целосно да се исклучи производството на електрична енергија од јаглен. Истата препорака важи и за земјите од Балканот, пишува Дојче Веле.

 Од ЕЛЕМ за медиумите накратко изјавија: Извештајот не е доставен на увид  и отука ни е непознато врз основа на кои аргументи и факти се влечат заклучоци, соопштија од ЕЛЕМ.
Од Елем информираат дека во тек се два капитални проекти во делот на заштита на животната средина и тоа топлификација на Битола и трета фаза од модернизација на РЕК Битола која опфака десулфуризација согласно европските директиви.
Во моментов во завршна фаза е изработката на физибилити студија, која треба да покаже кој метод најмногу одговара за да се стартува со десулфуризацијата.
Инаку во HEAL сметаат дека во ЕУ и Балканот до 2040 година треба целосно да се исклучи производството на електрична енергија од јаглен.