Реми на Полска и Германија кое ги задоволува двете селекции

0
529

Во третиот, вечерен, натпревар во четвртокот во рамките на второто коло од Групата Ц на европскиот фудбалски шампионат, во Париз репрезентациите на Германија и на Полска одиграа без голови.

Во првиот меч на првенството на кој не беше постигнат погодок, Германија и Полска се задоволија со еден бод, што практично значи и дека го осигурија своето учество во осминафиналето, бидејќи забележаа победи во првото коло. Нивниот меѓусебен натпревар беше тактично надитрување, но неинтересно за гледачите особено во првиот дел, и со многу малку вистински шанси.

Германија беше подобра на почетокот од мечот, кога прво Гетце шутираше со глава преку голот, а потоа Хектор шутираше крај левата статива. Но потоа, мечот отиде во друга насока, што ја заспа дури и публиката на стадионот.

Но уште на почетокот на второто полувреме Милик пропушти неверојатна шанса за Полска по проигрувањето од Гросицки и од два метра не успеа со глава да го погоди голот. Во 69 минута Фабијански со крајни напори го одбрани ударот на Озил, а потоа и на резервистот Гомез. Сепак, во завршницата на мечот, двете селекции се одлучија за помирна игра без ризици да примат гол кој нема да имаат време да го надоместат.