Ресенските основци се запознаа со значењето на птиците за екосистемот

0
220

Ученици од основните училишта во Ресен  во Мониторинг центарот во Стење имаа можност да се запознаат со природното наследство во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000“.

Претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Ресен и меѓународни експерти на најмладите им презентираа кои видови птици се застапени во Преспа и какво е нивното значење за екосистемот.

– Во рамките на проектот, експерти од повеќе области работат на истражување на видовите и живеалиштата кои се дел од „Натура 2000“ мрежата, за да може да се предложат подрачја Натура 2000 и во Република Македонија. Едни од нив се експертите за птици, кои денес беа присутни во Стење и им објаснуваа на децата кои видови птици се присутни тука и какво е нивното значење за екосистемот, истакна Гоце Соколевски, секретар на Општина Ресен.

Како засегната страна во овој процес Општина Ресен, според него, имаше можност преку експертите ангажирани од ЕУ  да добие повеќе сознанија за процесот на воспоставување на „Натура 2000“ мрежата  пред се во делот на ставањето во функција на одржлив развој за локалната заедница преку Натура 2000 подрачјата.

Идентификацијата на различните значајни подрачја за птици како дел од мрежата Натура 2000 е работа која, според Николај Петков експерт од Република Бугарија, Македонија треба да ја заврши пред нејзиното пристапување во ЕУ.

– Целта на проектот е да го поддржи ваквиот процес и заедно со колегите работиме на верификување на подрачјата кои ќе бидат дел од мрежата, истакна Петков.

Мрежата „Натура 2000“ треба да обезбеди долгорочен опстанок на највредните и загрозени видови и живеалишта во Европа наведени во Директивата на ЕУ за птици и за живеалишта.

Проектот „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000“ е финасисран преку ИПА-компонентата и треба да овозможи подобрување и усогласување на македонското со европското законодавство од областа на заштита на природата.