Ристовски: Македонија им е наклонета на филмаџиите

0
762

Дел од авторската и актерската екипа на филмот „Лазар“ со кој синоќа беше отворен Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, денеска се претстави на прес-конференција. Филмот го промовираа режисерот Светозар Ристовски, актерите Наташа Петровиќ, Дејан Лилиќ, Красимира Кузанова и Александар Сано, двајцата од Бугарија. Филмот го сними директорот на фотографија Дејан Димески не можеше да присуствува поради професионални обврски во Русија. Модератор на средбата беше Благоја Куновски-Доре.

На новинарското прашање дали темата на бегалската криза на некој начин ја предвиде, Ристовски рече:

-Ова што во моментов се случува е навистина експлозија на мигрантната криза во Европа. Во нашето сценарио е случајност. Она што е вистина, од формирањето на ЕУ и од формирањето на маргиналните транзицикси држави како Македонија се создаде еден пропаганден сон, како американскиот сон пред 100 години, а новиот сега им се продава на земјите од третиот свет како европски сон. Идејата за „Лазар“ дојде пред седум години.  Македонија беше една од транзитните земји низ кои поминувале бегалци, нагоре-надолу, на југ, на север, нешто што Европа го оставаше под тепих, а периодов поставува лежечки полицаец. Приказната е инспирирана од луѓе кои се занимаваа со бизнисот на илегален транспорт на имигранти, кои јас ги познавав – рече Ристовски.

Филмот е копродукција на повеќе земји.

-Патот беше долг. Подолго се подготвуваше проектот. Но, сепак, прикзната си го направи своето. Почнавме од Македонија, па потоа ни се приклучија Хрватска, Бугарија и на крај завршивме со „Еуримаж“ и Франција – рече Корнелија Ристовска.

Ристовски истакна дека секогаш со радост се враќа во Македонија и во Европа за да снима.

-Без разлика од каде доаѓа приказната, во Европа, доколку приказната не помине низ визијата на режисерот и не се адаптира, не почнува филмот. Единствено патот е подолг, кога пишувам, ми треба уште еден соработник што ќе биде огледало за да го проверам текстот што го пишувам. Кога работам текст на друг, патот е полесен – рече Ристовски.

Актерката Наташа Петровиќ призна дека не сака да се гледа многу на премиерни изведби.

-Јас не сакам многу да се гледам себе си, затоа што мислам дека сите самите на себе си звучиме многу поразлично од тоа како не доживуваат другите. Пријатно сме изненадени и задоволни од начинот на кој Светозар го склопил целиот филм и се надевам дека ќе има светла иднина – рече Петровиќ.

Лилиќ, пак, истакна дека во градењето на ликот многу му помогнало театарското искуство. Гостите од Бугарија изразија задоволство што се дел од филмот.

IMG_2972

-Иако бевме од повеќе земји, после вториот ден лесно се разбиравме – рече Сано.

Ристовски додаде дека филмските професионалци имаат голема поддршка во однос на финансирањето на проектите, за разлика од многу поголеми светски кинематографии.

На прес-конференцијата беше претставен и режисерот Луис Ортас од Шпанија, кој денеска ја имаше својата проекција во рамките на документарната програма на фестивалот. Тој истакна дека културата ги спојува Македонија и Шпанија и сподели дека и од филмот „Лазар“ забележал дека многу работи не поврзуваат.