Роденденот на Битолскиот театар одбележан со премиера по текст на В`веденски

0
1743

Со премиера на претставата Елка кај Иванови, на рускиот писател Александар Иванович В`веденски, во режија на Ѕвезда Ангеловска, се одбележа 71 година постоење на битолскиот театар.

Народниот театар-Битола е формиран на 14-ти ноември 1944 година, кога е одиграна и првата театарска претстава на македонски јазик.

Покрај големиот број на премиери, битолскиот театар имаше исклучителни настапи надвор од Македонија.

Во претставата на рускиот писател В`веденски, низ девет слики се пресликува општеството и т.н. детски болести на луѓето и општеството.

Овој текст, режисерката Ангеловска 10 години сакала да го постави на театарска сцена.

Текстот е актуелен а структурата е градена заедно со ансамблот.

– Секоја индивидуа треба да се освести, постојано да се запрашува и да ја бара вистината тргнувајќи од себе, а потоа се е рефлексија по која ќе се очекува подобро утре и остварување на соништата барајќи ја елката-истакна режисерката.

Во претставата играат Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Елена Моше, Соња Ошавкова, Јулијана Мирчевска, Петар Спировски, Борис Чоревски, Менка Бојаџиева, Александар Стефановски, Марија Ѓаковска, Борче Ѓаковски и Александар Копања.

Преводот на текстот „Елка кај Иванови“ од руски на македонски јазик го направи Оливера Павловиќ, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката ја компонираше Марјан Неќак. Режисерката истакна дека В`веденски е еден од претставниците на руската авангарда кој за првпат се поставува на театарските сцени во Македонија.