Роди бебе во ресторан на Англиското шеталиште додека терористот косеше луѓе

0
981

Млада жена којашто во четвртокот вечерта дошла да го види спектакуларниот празничен огномет на Англиското шеталиште во Ница, родила момченце за време на терористичкиот напад со камион во ресторан во близина на местото на големата трагедија, објави во саботата весникот Le Figaro.

Жената, којашто била во деветтиот месец од бременоста, почувствувала контракции како последица од возбуденост и страв кога станало јасно дека камионот на шеталиштето намерно ги гази луѓето.

Таа, за среќа, успеала да се засолни во ресторанот „Ruhl Plage“ непосредно на Англиското шеталиште. Била префрлена во кујната на ресторанот, каде што се породила со помош на лекар кој се нашол на самото место. Пожарникарската спасувачка екипа успеала да се пробие до ресторанот дури по еден час и да ја згрижи младата жена.

„И покрај сé, ние бевме силно трогнати“ од чинот на породувањето, изјавил за Le Figaro менаџерот на ресторанот.

За жал, додека малото момченце доаѓаше на свет на десетина места потаму во безумниот чин згаснаа животите на 84 луѓе, од кои десет се деца и тинејџери. Уште пет деца во саботата во детската болница во Ница се борат за својот живот./крај/мф/сн