Роковите течат, Иванов молчи за мандатот

0
511

На два дена пред истекот на рокот во кој претседателот Ѓорге Иванов треба да одлучи дали ќе му го даде мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од неговиот кабинет молк. Молчи и СДСМ за гаранцијата што се бара од нив.

Гаранциите кои што ги побара Иванов со денови се усогласуваат меѓу неговиот кабинет и СДСМ, но и покрај неофицијалните најави дека текстот со кој ќе се гарантира унитарноста на државата е усогласен, никој не дава информации.

СДСМ секојдневно го повикува Иванов да го додели мандатот и велат дека тој има доволно аргументи за тоа, а од вилата на Водно неофицијално, неколкупати повторуваат дека се бара „откажување од таканаречената тиранска платформа“.

Од СДСМ најавуваат дека ќе го испочитуваат законскиот рок од десет дена за доделување на мандатот којшто истекува на 19 мај, а доколку тоа не се случи, како што велат, ќе ја испочитуваат волјата на мнозинството и ќе формираат влада.

Иста ваква најава имаше и претседателот на Парламентот, Талат Џафери, кој на последниот  брифинг со новинарите соопшти дека „нема намера никого да моли, а најмалку Иванов“.

„По истекот на рокот од десет дена, ако имам предлог програма и предлог за состав на нова влада, имам обврска да свикам седница и нема потреба никого да молам. Должен сум да го чекам Иванов до истекот на рокот од десет дена, а потоа сѐ зависи од парламентарното мнозинство“, рече Џафери.

Во меѓувреме, Иванов, според најавите в четврток попладне ќе замине за Варшава, каде што на меѓународен саем ќе промовира својата книга, па рокот уште повеќе се стеснува. Сепак, СДСМ останува на ставот дека и до тогаш има доволно време Иванов да донесе одлука.