Романи на Томислав Османли преведени на арапски и турски јазик

0
246

На египетската државна телевизија, беше претставен македонскиот роман „21-от“ на Томислав Османли, во рамките на емисијата „Мостови“.Романот неодамна се појави на арапски јазик во превод на г-ѓа Хенд Адел. Гостинка на емисијата која ја водеше уредникот на програмата Кхалед Мансур беше токму преведувачката на романот која се осврнала на комплексната структура и на книжевните вредности на романот, го сместила во високите дострели на современото романскно творештво, а потоа говорела и за творечката биографија на авторот на романот.

По објавите на делови од романот во печатот и во на неколку портали, ова е уште една посилна медиумска препорака за читање на македонскиот роман, кај нас прогласен за роман на годината во 2009 и до сега преведен на повеќе јазици.

Арапскиот превод на романот „Дваесет и првиот“ по саемот во Шаржа, Обединетите арапски емирати, продолжува да се претставува и на фестивалот на книгата во Индија, како и на преостанатите пет фестивали на книгата, пред се’ во арапскиот јазичен регион.

Во издание на издавачката куќа „Bibliyon“, во Истанбул се појави преводот на македонскиот роман „Зад аголот“ исто така дело на Томислав Османли. Преводот на турски јазик го реализираше нашиот истакнат преведувач Мехмед Јонуз. Главен уредник на турското изданието е Бурак Бакирџиолу. Турската објава на романот содржи 382 страници.

Романот излегува со посредство на литературниот агент Хјулиа Хилми од Агенцијата „1А“ од Истанбул. Романот „Зад аголот“ е прозна книга со сложена градба: развива девет линии на дејства од кои дел се преплетуваат, а дел се продолжуваат, при што неговиот хронотоп има опфат од јонската и атичката антика, до современа Европа, Азија и Америка со фокус врз 1999 година. Неговиот наслов „Зад аголот”, содржи своевиден геометриски интониран и истовремено неодределив судбински концепт — затоа што изненадувањето, како израз на една геометрија од повисок ранг, чека да нѐ пресретне, да нѐ допре или да нѐ погоди – никој не знае на кој начин, но секогаш – таму, зад аголот на животот и на историјата. Романот „Зад аголот“ на Томислав Османли, во годината во која се појави, беше финалист на сите домашни прозни награди.