Русија го суспендира договорот со САД за употреба на плутониум

0
216

Како причина се наведува „непријателски потези“ на Вашингтон спрема Русија

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се суспендира договорот за отстранување на плутониумот прилагоден за употреба во оружје, наведувајќи ги како причина „непријателски потези“ на Вашингтон.

Русија наведува дека САД не биле во можност „да обезбедат имплементација на обврските за употребата на вишокот на плутониум прилагоден за воена употреба“

Договорот првично беше потпишан во 2000-та година, а обновен во 2010-та. Од двете страна бараше отстранување на плутониумот употреблив во оружје од нивните одбранбени програми.

Според договорот од 2010-та потпишан од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и тогашната државна секретарка Хилари Клинтон, секоја страна требаше да отстрани по 34 метрички тони на плутониум преку согорување во нуклеарните реактори.

Клинтон кажа дека по квантитет, овој плутониум би бил доволен за правење на речиси 17 илјади нуклеарни бомби.

Русија и САД на договорот гледаа како знак на зголемена соработка помеѓу двете земји кон неширење на нуклеарното оружје.

Но односите помеѓу Москва и Вашингтон паднаа на најниско ниво од крајот на Студената војна откако Русија го анектираше Крим од Украина во 2014-та и ги поддржуваше промосковските сепаратисти во источна Украина.

Вашингтон играше клучна улога во воведувањето на западните санкции кон Русија заради улогата што земјата ја имаше во кризата во Украина.