Русија негира дека руски Су-34 вчера го нарушил турскиот воздушен простор

0
311

Турција денеска го повика рускиот дипломатски претставник во земјата тврдејќи дека руски борбен авион го повредил нејзиниот воздушен простор, јави новинската агенција Доган. Москва негира дека се случила каква било повреда.

Според Анкара, инцидентот со рускиот Су-34 се случил во петокот. На авионот наводно му биле испратени неколку предупредувања на руски и на англиски јазик.

„Јасно ја повикуваме Руската Федерација да не го прекршува турскиот воздушен простор, кој, исто така, е и воздушен простор на НАТО“, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи.

„Уште еднаш нагласуваме дека несаканите последици од таквото неодговорно однесување ќе ѝ припаднат целосно на Руската Федерација“, додаде тој.

Министерството, исто така, рече дека смета оти наводната повреда е јасен знак дека Русија сака да ги ескалира веќе постојните тензии.

Во исто време, во пресрет на инцидентот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази подготвеност да се состане со рускиот претседател Владимир Путин, пренесе Ројтерс.

Министерството за одбрана на Русија жестоко негира дека се случило какво било нарушување на воздушниот простор.

„Досега немало прекршување на турскиот воздушен простор од авиони на руските воздухопловни сили (распоредени во) Сирија. Соопштението на турската страна за наводна повреда од страна на руски Су-34 е неоснована пропаганда“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков, во соопштението.

Рускиот амбасадор веќе се сретнал со турскиот министер за надворешни работи, потврди амбасадата во Анкара. Не се објавени детали околу средбата.

www.mkd.mk