Русија објави дека ја прекинува соработката со турската војска

0
348

Руското министерство за одбрана денеска соопшти дека ја прекинува секоја соработка со турската армија, вклучувајќи ја и директната телефонска линија воспоставена за размена на информации за руските воздушни напади во Сирија, објави руската новинска агенција ТАСС.

Русија се закани и со економска одмазда кон Турција, истакнувајќи дека сè уште чека разумно објаснување за уривањето на нејзиниот борбен авион во вторникот.

 Рускиот министер за економија Алексеј Улјукаев изјави дека Русија би можела да постави ограничувања на летовите кон Турција и од неа, да ги запре подготовките за основање заедничка слободна трговска зона и да ги ограничи големите проекти како што се гасоводот Турски тек и нуклеарната централа што Русија ја гради во Турција, а е вредна 20 милијарди долари.

Утрово Русија ја заостри контролата врз прехранбените производи што се увезуваат од Турција, поради, како што рече, прекршување на санитарните норми.