Русија обвини дека шпионски авион на САД го загрозил цивилниот авиосообраќај

0
632

Русија во понеделникот вечерта ги обвини САД дека нивен воен разузнавачки авион во текот на извидувањето во близина на руската граница на крајниот исток предизвикал опасност да се судри со патнички авион бидејќи користел таква рута, поради што изразила протест пред американското воено аташе во Москва.

„Претставникот на американското министерство за одбрана е известен дека руската противвоздушна одбрана на 22-ри мај регистрирала извидувачки авион од типот RC-135 на американските воздухопловни сили кој бил на разузнавачка задача над Јапонското Море, во близина на руската граница“, соопшти руското министерство за одбрана.

Се истакнува дека американскиот авион летал со исклучен транспордер (уред за автоматска идентификација на леталото – з.р.), и оти екипажот не ја проследил информацијата за рутата на летот до службите за контрола на летањето во регионот. Притоа, авионот користел височини коишто се наменети за редовните летови на авиони во цивилното воздухопловство.

„Како резултат на непрофесионалната постапка на американскиот екипаж беше создадена опасност од судир со воздухоплови на цивилната авијација“, се додава во соопштението на руската одбрана.

Москва повторно предупреди дека е неопходно да се преземат мерки за да се избегнат слични ситуации кога американски разузнавачки авиони летаат во близина на руските граници.

Претходно во неделата телевизијата ВГТРК објави дека руските контролори на летањето спречиле можен судир на авиони во воздушниот простор над Јапонското Море, на надморска височина од 11.000 метри. Според извештајот, кон два патнички авиона се приближувал неидентификуван авион и растојанието било „крајно опасно“.

Руската страна предупредува дека станува збор за уште еден во низата слични инциденти со американските авиони во близина на руската граница. Така, се потсетува дека на 15-ти мај воен транспортно-разузнавачки авион од типот „RC-135V“ се приближил до брегот на руската балтичка енклава Калининград. Кон крајот на април во близина на брегот на Камчатка, на рускиот Далечен исток, руски борбен авион „МиГ-31“ пресретнал американски патролен авиони „P-8 Poseidon“, кој исто така летал со исклучен транспордер и неколкупати се обидел да се приближи кон руската граница.

САД, пак, последните месеци редовно ги обвинуваа руските воздушни сили за провокации со „опасни и непрофесионални“ приближувања до американските авиони и воени бродови, во некои случаи и на помалку од десет метри и предупредија дека таквото однесува може да доведе до „несакани инциденти“.

Москва, пак, одговараше дека нејзините воздушни сили редовно одговараат според меѓународните прописи, и предупреди од своја страна дека американските воени апарати треба да се идентификуваат и дека не е пожелно „премногу да се приближуваат до руските граници“./крај/мф/сн