Русите бомбардирале американска база во Сирија

0
318

Пункт во близина на јорданската граница што го користат американските и британските специјални сили бил погоден со воздушни напади минатиот месец.

Информацијата објавена во петокот во американскиот весник Волстрит џурнал дека руски авиони на 16 јуни ја бомбардирале базата во Ат-Нанф, во југоисточниот дел на Сирија – индиректно е потврдена во Москва. Дваесетина британски специјалци ја напуштиле базата 24 часа пред руските воздушни напади.

Американскиот весник информацијата ја добил од американските разузнавачки агенции и од Пентагон. На новинарот му било кажано дека целта на рускиот напад бил притисок врз администрацијата на Обама да почнат да соработуваат со Москва во сириската криза.

Руски воено-дипломатски извори потврдија дека претставниците на Русија и на САД веќе разговарале за јунските напади во јужниот дел на Сирија. За време на видеоконференција Русите на Американците им објасниле дека таа база не била на нивните мапи и на листата на регионите во кои се наоѓа сириската опозиција, која го почитува прекинот на огнот.