Русите го повикале турскиот воен аташе поради инцидент во Егејско Море

0
462

Руското Министерство за одбрана го повикало турскиот воен аташе во Москва поради инцидент во Егејско Море, соопшти денеска прес-службата на Министерството.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека екипажот на руската фрегата „Сметливи“ бил принуден да испука предупредувачки истрели со огнено оружје за да спречи судир со турски рибарски брод во северниот дел на Егејско Море.

„На 13 декември 2015 година екипажот на рускиот патролен брод ‘Сметливи’ спречи судир со турскиот рибарски брод на 22 километри од грчкиот остров Лимнос, во северниот дел на Егејско Море“, се вели во соопштението на Министерството.

Рускиот заменик-министер за одбрана Анатолиј Антонов го повикал турскиот воен претставник во Москва поради инцидентот.

Утринскиот екипаж на руската фрегата забележал како им се приближува турски брод на растојание од околу еден километар. Турскиот брод не воспоставил радиоконтакт со рускиот брод и не одговарал на светлосните сигнали и на другите обиди за комуникација.

Кога турскиот брод се приближил на помалку од 600 метри, „Сметливи“ испукал неколку предупредувачки истрели во воздухот, внимавајќи да не го погоди рибарскиот брод.

Турскиот брод го сменил курсот и се држел на 540 метри од рускиот, но и понатаму не одговарал на обидите за контакт.

Инцидентот се случува во време на засилени руско-турски тензии откако Турците на 24 ноември соборија руски бомбардер Су-24 над Сирија.