Русите и Американците близу договор за избегнување на воздушните инциденти

0
390

Американската и руската армија го довршуваат меморандумот за разбирање со којшто се утврдуваат основните процедури за воздушната безбедност на небото над Сирија, за да се избегнат конфликти меѓу нивните борбени авиони кои дејствуваат против терористичката организација Исламска држава во оваа блискоисточна земја, изјавија во средата извори по најновиот круг преговори, пренесуваат агенциите.
Протоколот би можел да биде потпишан и применет уште следните денови, изјавил за AFP неименуван американски функционер од одбраната по третата видеоконференција меѓу воените експерти на САД и на Русија.

Руските агенции претходно пренесоа дека руското министерство за одбрана го потврдува приближувањето на ставовите за клучните прашања во идниот документ, откако претходните денови објави дека е начелно согласно со предлогот на САД за координирање на летовите за да се избегнат несаканите инциденти.

Американските предлози првпат беа изнесени во текот на видеоконференцијата меѓу руските и американските воени претставници на 1-ви октомври, веднаш по почетокот на руските воздушни операции во Сирија, вклучително и за одржување на сигурната оддалеченост меѓу американските и руските авиони и користење на заедничките радиофреквенции за повикување на помош, наведува Reuters.

Москва во средата објави дека нападнала 40 терористички цели во последните 24 часа во покраините Алепо Идлиб, Латакија, Хама и Деир-ез-Зор, што е двојно помалку отколку 86-те напади во претходното деноноќие, откако во првата седмица изведуваше по 20 борбени летови дневно.

Интензивирањето на руските летови ја зголемува опасноста од инциденти меѓу руските ловци и бомбардери и авионите на коалицијата којашто ја предводат САД и неколку западни земји во Сирија, кои изведуваат до 20 летови дневно. Москва и Вашингтон потврдија дека најмалку во еден случај руски и американски авион во саботата биле два до три километра еден од друг, но руската страна објави дека нејзиното летало само се одвоило од групата за да го идентификува објектот регистриран на неговиот радар. Сепак, ова поттикна да се интензивираат разговорите за одредување на правилата за надлетување.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнамер ги повика во средата Вашингтон и Москва да внимаваат нивните ангажмани во Сирија да не се претворат во руско-американски судир./крај/мф/сн

Без коментари

LEAVE A REPLY