САД го активираат противракетниот штит во Романија

0
512

Американскиот антиракетен штит во Европа ќе биде активиран во четвртокот, речиси деценија откако САД на НАТО му предложи заштита наводно од иранските ракети на европскиот континент, и покрај постојаните предупредувања од страна на Русија дека станува збор за закана за мирот во централна Европа.

Во кулминацијата на тензиите меѓу Русија и Западот, американските и функционерите на  НАТО во оддалечената база Девеселу во Романија ќе прогласат дека е оперативен овој антиракетен систем. Тоа се случува по години планирање, потрошени милијарди долари и неуспех во убедувањето на Москва дека штитот не е насечен против неа. Сите клучни компоненти, вклучително и ракетите, беа поставени во споменатата романска база во декември 2015 година, но се уште не беа интегрирани во системот на НАТО за одбрана од балистички проектили.

Балистичките проектили се разликуваат од крстосувачките наведувани ракети, по тоа што ја напуштаат атмосферата на Земјата, и имаат дострел од три илјади километри.

„Сега имаме моќ да го заштитиме НАТО во Европа. Иранците стануваа се посилни и мораме да размислуваме однапред. Тоа не е насочено против Русија“, изјави за новинарите Роберт Бел, претставник на американскиот министер за одбрана Ештон Катер во НАТО. Додаде дека антиракетниот систем наскоро ќе биде ставен под контролата на НАТО.

САД во петок во Полска ќе ја започната изградбата на втората таква позиц9ија која би требало да биде завршена до 2018 година и којашто на НАТО, покрај радарите и бродовите во  Средоземното Море, треба да му даде постојан и непрекинат штит.

Русија со недоверба и незадоволство гледа на ваквата демонстрација на сила на својот противник од периодот на идеолошката Студена војна во поранешната комунистичка источна Европа, каде што Москва преку поранешниот Советски сојуз имаше силно влијание. Русија смета дека НАТО се обидува да ја стави во опсада во близината на стратешки значајното Црно Море, каде што е седиштето на руската Црноморска флота, а Алијансата предводена од САД планира да го засили своето присуство преку постојани патролирања.

Активирањето на антиракетниот штит, исто така, доаѓа во периодот кога НАТО ги засилува своите единици во Полска и на Балтикот, како одговор на присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим на Руската Федерација, преку референдумот на тамошното мнозинско руско и рускојазично население, што Западот го смета за руско анектирање на украинска територија. Алијансата, така, под изговорот дека нејзините членки во овој дел од континентот се заплашени од „руската агресија“, ги зајакнува своите западни и јужни крила со три нови дивизии.
И покрај американските уверувања, Москва смета дека вистинската цел на антиракетниот штит на НАТО е да го неутрализира нејзиниот нуклеарен потенцијал доволно долго доколку дојде до меѓусебна војна во којашто САД први би извеле напад. Поради тоа, Русија предупреди дека своето стратешко вооружување ќе го насочи кон оние позиции во земјите во кои се распоредени деловите од антираектниот штит. Така, рускиот амбасадор во Данска пред една година предупреди дека данските воени бродови на кои ќе бидат инсталирани делови од штитот ќе станат цел на руските нуклеарни ракети доколку Копенхаген му се придружи на американскиот проект со поставувањето радари на своите бродови. Имено, Данска надградува најмалку една фрегата како „сензор“ за балистички ракети.

Штитот се базира на радари коишто регистрираат лансирање на ракети во космосот. Сензорите потоа ја мерат патеката на ракетата, а противракетните проектили ја пресретнуваат и ја уништуваат целта во вселената, пред да се врати во атмосферата на Земјата, што може да се прави од бродови или од копнени бази. Турција веќе постави американски радар, како и Холандија на своите бродови. САД за одбрана има и четири бродови во Шпанија, а сите проекти ги финансираат сите држави членки.

„Балистичката противодбрана претставува закана за стабилноста и стратешкиот капитал на Русија“, изјави за Reuters Александр Грушко, рускиот амбасадор во НАТО.

Американските функционери го отфрлаат овој став како „стратешка параноја“ и ја обвинуваат Русија за прекинување на разговорите со НАТО во 2013 година чијашто цел наводно биле да се подобри дејствувањето на штитот. Но, според НАТО, Москва барала потпишување договор кој ќе биде меѓународно валиден со кој би се ограничиле способностите и опсегот на балистичките ракети од штитот на нејзините граници. „Ниедна влада не би се согласила на тоа“, смета Бел.

Американските аналитичари проценуваат дека руските воени функционери се загрижени поради технологијата за којашто САД тврдат дека не ја поседуваат, која вклучува пресретувачи на ракети со брзина од 10 километри во секунда, кои би биле способни да ги уништат руските ракети. Но, според некои медиумски написи, и самата руска страна развива и тестира таква воена технологија.

Американската влада го покрена па го запра проектот за одбранбен што во Европа во 2007 година, за следната година новоизбраниот претседател Барак Обама повторно да го покрене во 2009 година, Официјалната цел на проектот е заштита на Северна Америка и Европа од државите како Иран и Северна Кореја, што е дел до претпоставената стратегија за инсталирање на пресретувачи на ракети и во Калифорнија и на Алјаска.

И покрај договорот меѓу шесте светски сили и Иран за ограничување на иранските нуклеарни потенцијали, одредени функционери на Запад, во контекст на оправдувањето на постоењето на антиракетниот штит, уверуваат дека иранската Револуционерна града и натаму развива балистичка технологија, извршувајќи барем две тестирања годишно. А Техеран вели дека тоа е негово суверено право.

„Тежнеат кон поголеми дистанци и прецизност. Можат да промашат за стотина метри, но тоа не исклучува напади врз градови или многу големи воздушни бази“, вели во врска со иранската балистичка програма Даглас Бари, ескперт за воздушно-вселенска одбрана на меѓународниот Институт за стратешки студии (IISS)./крај/мф/сн